Превозници организирани од домашната транспортна асоцијација „Макам-транс“ денеска од 12 до 14 ќе одржат протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Протестот е предупредувачки во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел од кој превозниците очекуваат решение за нивниот статус откако се соочија со проблеми поради правилото 90/180 на ЕУ според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
Кај дегелацијата на ЕУ во Скопје во тек на протестот ќе бидат паркирани 20-ина товарни возила од Скопје, во присуство на сопственици на транспортни компании, возачи и други вработени од повеќе делови на земјава. Истовремено, протести на превозници ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од „Макам-транс“ велат дека протестот е предупредување до Европска Унија, која според нив во изминатите седум месеци не покажала добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност.
„После седум месеци се’ уште не е надминат проблемот со престојот, а бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од шенген зоната на која бараме да биде на дневен ред и нашето прашање“, изјави за новинската агенција МИА, Биљана Муратовска – генерален секретар на асоцијацијата „Макам-транс“.
Во однос на ставот на Министерството за транспорт од каде во неколку наврати укажаа дека преземаат активности за помош на транспортерите со склучување билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната со цел да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските транспортери, Муратовска посочи дека „освен Хрватска којашто направи промени во Законот за странци други држави немаат јавно искажано такво нешто“.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски минатата недела изјави дека Владата прави се’ што е во нејзина моќ да помогне на превозниците како што е склучување билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната.
Тој најави дека Македонија наскоро ќе склучи нови договори со земји членки на Шенген зоната и на тој начин самостојно го решава проблемот.
Целта е да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските транспортери.
Доколку на утрешниот состанкот во Брисел нема преодно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава одделно на 14 септември, иако како што порачаа по состанокот во Скопје на 21 август, протестите не му одат во прилог на никого.
Како што информираа, 50 проценти од возачите одбиваат да возат затоа што немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека се зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.













