И денеска молк од директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
Нема одговор дали ќе го повлече својот став за Ратко Младиќ или, пак, ќе се повлече од функцијата во Владата.
Нова реакција денеска нема ниту на Фејсбук страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, по вчерашната одлука на Владата со која од функционерите кои јавно го поддржаа Младиќ беше побарано или да ги повлечат своите ставови или да си поднесат оставки.
И денеска меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Од СДСМ прашуваат дали премиерот Христијан Мицкоски се согласува со ставовите на вицепремиерот Иван Стоилковиќ и директорот Китановиќ.
„Ако Мицкоски не се согласува со Стоилковиќ и Китановиќ, тогаш нека ги осуди нивните ставови и нека ги разреши. Ова е дел од поширока агенда, сценарио на Вучиќ кое Мицкоски ја спроведува и за која СДСМ предупредува. Создавање тензии, поделби меѓу граѓаните, етнички провокации и поделби, операција „Талог“ – изјави Кети Штерјова од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека СДСМ, како што велат, продолжува со хипокризија и со обвинувања за наводни влијанија на српските служби. Партијата го посочува случајот со Виктор Петрушевски, поранешен советник на Зоран Заев и поранешен функционер во државни институции, за кого тврдат дека бил фатен како соработник на српската разузнавачка служба БИА.
„Ваквото однесување и хипокризија на СДС е резултат на нивната разочараност што синоќа партискиот врв на чело со Филипче, Љупчо Николоски Путерот, нивниот градоначалник на Крива Паланка не можеа да се забавуваат на концертот на Лепа Брена, кој беше откажан поради временските услови. Да, тоа е таа Лепа Брена која и пееше на војската на Младиќ, за кој сега ја креваат најголемата хистерија во јавноста“ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Раздор околу ставовите за Ратко Младиќ и во албанскиот политички блок. Од ДУИ ја продолжија политичката полемика со ВЛЕН, обвинувајќи ја коалицијата дека избегнува јавно да го спомене вицепремиерот Иван Стоилковиќ. Од партијата прашуваат зошто ВЛЕН реагира на одделни случаи, но, како што велат, не се осмелува директно да се огради од Стоилковиќ.
„И институциите на Европската Унија го осудија глорифицирањето на воениот злосторник Ратко Младиќ, нагласувајќи дека глорифицирањето на лица осудени за воени злосторства е во директна спротивност со европските вредности. Но, очигледно, тоа воопшто не го интересира Иван Стоилковиќ, неговата партија и луѓето од оваа политичка структура, кои продолжуваат да ги глорифицираат и релативизираат најголемите злосторници на минатиот век во Европа, по Втората светска војна“ – соопштија од ДУИ.
ВЛЕН уште претходно се изјаснија дека величењето на воени злосторници е неприфатливо и побараа одговорност. Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците, додаваат од ВЛЕН.
Осуди за глорификацијата и оправдувањето на воените злосторства стигнаа и од партиите ЗНАМ и ЛДП.
Од ЗНАМ велат дека личната и институционалната одговорност за јавно изнесените ставови треба да ја преземе самиот функционер.
Партијата ги отфрла и обвинувањата дека молчела за случајот, со образложение дека не е должна да реагира во рокови што, како што велат, ги наметнува опозицијата.
ЛДП, пак, ја осуди одлуката на Владата во случајот со директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
Од партијата сметаат дека наместо само да му биде дадена можност да го повлече својот став, Китановиќ треба веднаш да биде разрешен, а против него да биде покрената и кривична постапка.
Реакциите следуваат откако на социјалните мрежи на Китановиќ и на Демократската партија на Србите во Македонија беа објавени фотографии со Ратко Младиќ, со кои, според критичарите, се велича неговиот лик и дело.
Симона Петровска













