Пожарот на Китка, по две недели интензивна борба, конечно е ставен под контрола но останува ризикот од повторно намерно потпалување. Од пладнево повторно гори планината Жеден а пожар изби кај православните гробишта во Тетово и има опасност да се прошири кон Шар Планина.
Надлежните апелираат до локалното население во Општина Студеничани да бидат внимателни и доколку забележат сомнителни лица во подножјето на Китка веднаш да ја известат полицијата.
Од пожар во плевна огнот се проширил кон ридот Балтепе во Тетово, а тетовските пожарникари со поддршка од полицискиот хеликоптер се обидуваат да ја пресечат линијата на огнот и да спречат тој да влезе во шума и кон Шар Планина.
- „Пожарот избувнал во стар објект-плевна. Ние по пријавата, дојдовме овде кај православните гробишта и пуштивме црева нагоре затоа што нема пат по кој може да се оди нагоре со противпожарни возила. Побаравме евакуација на луѓето од блиските куќи. Огнот го изгасивме кај плевната и со тоа спречивме да бидат загрозени блиските куќи, но продолжи да се шири во шумата и кон Калето“, изјави Авни Амети, командир во тетовската пожарна.
Силен пожар повторно има на планината Жеден, во атарот на селото Копаница. Поради ветрот тој брзо се шири кон врвот на планината а гори сува вегетација.
Според информациите на ЦУК во моментов активни пожари во атарот на струшкото село Ливада каде гори ниска вегетација и стрниште и во Општина Чашка а под контрола е пожарот кој од Гостивар се ширеше кон селата во Поречието и на депониите во Делчево и селото Куклиш.
Огнен Чанчаревиќ













