Советот на Општина Пехчево едногласно ја отфрли иницијативата за изградба на Дата-центар во градот. На денешната седница сите девет советници гласаа против. Од нив, петмина се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и коалицијата, а еден е од Движење ЗНАМ.
Гласањето следуваше по реакциите во јавноста во изминатите денови околу најавениот проект и начинот на кој се водела постапката. Меѓу главните забелешки беа недостатокот на информации за инвеститорот, како и прашањата за тоа колку вода и електрична енергија би трошел објектот.
Беа изразени и сомнежи за потенцијалното влијание врз природата и животната средина, како и критики дека граѓаните и стручната јавност не биле доволно вклучени во процесот. Но, градоначалникот вели дека иницијативата била поднесена од физички лица, сопственици на земјиштето, а тој има обврска да ја проследи до советот. Целиот процес бил во почетна фаза, затоа и не е организирана јавна дебата.
„За да има јавна дебата треба да биде отпочната процедура. Ова беше само иницијатива за отпочнување на постапка за урбанистичко-планска документација. Доколку поминеше иницијативата, ќе имаше и јавна расправа, елаборати и студија. Ова беше поднесено од физички лица и беше само на почеток“, изјави Александар Китански, градоначалник на Пехчево.
Од СДСМ повикаа на мобилизација за да се спречи изградбата на Дата центри.
„Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат водата и струјата на граѓаните да ги продадат и да ги стават во функција на странски Дата центри за сопствени тендерски профити. Да се богатат блиските до Мицкоски и ВМРО-ОКГ на штета на граѓаните. На крајот кој ќе ја плати таа струја? – Граѓаните преку повисоки сметки. Кој ќе нема вода? – Граѓаните. Каде ќе оди затоплената вода? – Никој не кажува“, реагира лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
За Левица ова не значи дека опасноста за Пехчево е надмината.
„Оваа иницијатива мора будно да се следи и никогаш повторно да не биде внесена на дневен ред, ниту преку изменета формулација, нова урбанистичка постапка или административен маневар. Истовремено предупредуваме дека, според сознанијата со кои располагаме, следна локација што се разгледува за ваков проект е крајбрежјето на Вардар во Неготино“, порачуваат од Левица.
И премиерот денеска потврди дека се работи за приватен проект, велејќи дека кога би бил владин, би излегле и би кажале што е тоа што ќе го прави државата. Апсолутно поддржува изградба на вакви Дата центри и тврди дека сите што се против, се всушност против државата.
„Како инженер и како човек сметам дека вештачката интелигенција и податочните, односно Дата-центрите, се нова нафта. Ако ние сега не го препознаеме тој момент и не обезбедиме услови со што, нормално, ќе биде заштитена животната средина и граѓаните, тогаш ние не можеме да обезбедиме долгорочен раст на државата и на македонската економија“, одговори премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот е уверен дека ако не се препознае дека сега е момент за изградба на Дата-центри и ако не се обезбедат услови, нема да има раст на државата.
Далиборка Демјанска Цветановска













