Катастрофалниот пожар во Кочани делумно ги разбуди надлежните во контролите за тоа колку се почитуваат законите за заштита од пожари, дали објектите имаат планови за заштита и спасување, елаборати и соодветна опрема. Но, активностите не смеат да застанат тука, бидејќи и најсовремената опрема е бескорисна ако луѓето не знаат како да ја употребат, предупредуваат експертите за заштита од пожари.
„Луѓето не се обучени, најчесто ги фаќа паника, а не можат ниту да го свртат бројот на пожарната единица. Поентата е да се интервенира во првите минути, тогаш и најголемите пожари би биле спречени. Ако го испуштиме тој момент, без разлика дали пожарната ќе дојде и ќе го локализира пожарот, штетите веќе ќе бидат многу поголеми“, изјави Зоран Доревски, експерт за заштита од пожари.
По трагедијата во Кочани е воспоставена подобра соработка и сè уште се прават напори целосно да се стави во функција триаголникот меѓу Дирекцијата за заштита и спасување, институциите и компаниите кои работат во областа на противпожарната заштита.
„За првпат се воспоставува координација во која сите институции ќе дејствуваат во ист правец. Не може една институција да бара едно, а состојбата на терен да покажува друго. Кочани ни покажа дека недостасуваше координација меѓу институциите, компаниите и фирмите кои работат на заштита од пожари“, рече Марија Кукуновска, претседателка на Комората за заштита од пожари и кризен менаџмент.
Денеска на стадионот „Под Тумбе Кафе“ во Битола беше реализирана показна вежба со симулација на пожар и евакуација, во која учествуваа сите служби и лица задолжени за спроведување на протоколите во вакви ситуации. Целта беше да се провери подготвеноста и координацијата на сите чинители во случај на вистинска вонредна состојба.
Емилија Мисирлиевски













