Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Тренчевска: Мицкоски ги излажа земјоделците, следува криза и уште поскапа храна

/

Македонија

Сподели преку :

Цените на дизелот надминаа 100 денари за литар. За 43% се покачени во изминатите 6 месеци. Што значи цените на храната повторно ќе растат – изјави денеска на прес конференција потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска обвинувајќи ја актуелната Влада дека не презема ништо.

„Директно се засегнати и македонските зeмјоделци. Поскапо гориво значи поскапа обработка на нивите, поскап транспорт, поскапо производство и на крај – поскапа храна“, додаде Тренчевска.

Таа обвини дека „земјоделците едвај преживуваат, домашното производство се намалува, зависноста од увоз расте, а храната ќе станува сè поскапа“.

„Земјоделците денес повторно протестираат за откупните цени на пиперката, за она што Владата на Мицкоски им го вети, а не им го испорача. Ги излажа. Откупот на пиперката не се решава со прес-конференции, лаги и манипулации, туку со конкретни мерки и сигурен откуп“, рече потпретседателката на СДСМ.

Тренчевска додаде дека земјоделецот не може да живее од политички ветувања, туку од реалната цена на својот производ и од условите за производство.

Таа предупреди дека е загрозена не само егзистенцијата на земјоделците, туку и прехранбената сигурност на државата.

„Македонија има земја, вода, сонце, традиција и вредни земјоделци. Можеме да произведуваме храна и за себе и за регионот. Во време кога целиот свет се подготвува за глобален проблем со поскапа храна, Владата на Мицкоски не презема ништо. Напротив, со ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ земјоделците едвај преживуваат, домашното производство се намалува, зависноста од увоз расте, а храната ќе станува сè поскапа“, порача Тренчевска.

 

Jumbo 2