Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во селото Панчарево. Деветмината советници кои го сочинуваат општинскиот Совет гласаа против, со што оваа иницијатива беше отфрлена едногласно.
Иницијативата која беше ставена на дневен ред на денешната седница претходно предизвика реакции кај дел од партиите, но и еко-активистите. Во отсуство на јавна дебата, тие изразија загриженост за потенцијалното влијание врз животната средина, и покрај ставот на надлежните дека изградбата на дата-центри во Македонија е неопходност.
Изградбата на дата-центарот во Пехчево следува по измените на законите за градење и за урбанистичко планирање, со кои дата центрите добија статус на градби од национално значење. Освен тоа, со нив беше воведена забрзана постапка во која стручна ревизија и јавна анкета не се задолжителни.













