Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Случај „Лотарија“: Груби во судница, Бајрами недостапен

/

Македонија

Сподели преку :

Екс вицепремиерот Артан Груби седна во обвинителна клупа. Oд куќен притвор, полицијата го спроведе во судот преку гаражата од задната страна, додека бројни медиумски екипи го чекаа на главниот влез. На првото соочување со судот немаше можност да се произнесе за вина, затоа што судењето се одложи за да може тој, но и одбраната на другите седуммина обвинети, да направат увид во доказите.

Столчето за првообвинетиот, екс директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами беше празно, затоа што тој е недостапен, а во првиот ред седеше и третообвинетиот, екс генерален секретар на владата, Методија Димовски. Своите места во судницата ги зазедоа и останатите петмина обвинети од надзорниот одбор на „Лотарија“.

Груби ќе го напаѓа обвинението со двајца бранители, од другата страна на судницата седеа двајца обвинители. Со 230 материјални докази, но и седум сведоци, тие ќе докажуват дека Груби и останатите седуммина обвинети ја злоупотребиле службената положба и ја оштетиле компанијата за 8,2 милиони евра со одлуката за набавка на видеолотариски терминали. Во судницата беа подготвени осум кутии со докази за секој од обвинетите. И двете страни најавија изјави за следното рочиште. Адвокатите на Груби и Бајрами рекоа дека денеска го добиле и обвинителниот предлог.

Судијката Билјана Шуплиновска Јовевски им остави време до 7 септември да ги разгледаат доказите, да подготват одбрана и листа на докази. Таа објасни дека обвинението е дело за кое е предвидена казна затвор од една до пет години и се води скратена постапка со рок во кој Груби може најмногу 60 дена во куќен притвор. Закажа и 13 рочишта за септември и октомври.

Груби и Бајрами добија обвинение за кривично дело со поблаги казни во споредба со она за кое се водеше истрагата. Првично беа осомничени за проневера во службата со значителна имотна корист за што се предвидени намалку четири години затвор до максималните 20. Од обвинителството тогаш рекоа дека правната квалификација јавен обвинител ја определил според доказите прибрани во текот на истражната постапка.

По 14-месечно бегство, на 23 февруари годинава, Груби се предаде на граничниот премин „Блаце“ и мерката притвор му беше сменета во куќен притвор.

Елена Ивановска Мукоска

Jumbo 2