Македонските превозници на 31 август ќе протестираат пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамки на 180 дена.
„Макам-транс“ соопшти дека протестот ќе се организира во периодот од 12 до 14 часот.
Според досегашните најави, на протестот се очекува да учествуваат превозници, возачи и претставници на транспортни компании, со што пред седиштето на Делегацијата на ЕУ треба да пристигнат и најмалку 20 товарни возила.
Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември.
На состанокот треба да се разговара за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, а од „Макам-транс“ велат дека доколку на него не се постигна преодно решение, ќе има нов протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември. За неговото одржување потребна е согласност од превозниците во секоја од земјите, како и одобрение од надлежните институции.
Проблемот произлегува од примената на правилото 90/180, според кое државјани на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена во Шенген-зоната. Со електронското евидентирање на влезовите и излезите, професионалните возачи многу построго се соочуваат со ова ограничување.
Превозниците укажуваат дека возачите не престојуваат во ЕУ како туристи, туку поради природата на својата работа, па бараат нивниот професионален статус да биде соодветно земен предвид при примената на правилата.
На 31 август, камионите ќе бидат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје. Превозниците бараат европските институции да најдат решение за проблем што, според нив, не може да се решава со правила наменети за туристички престој, кога станува збор за луѓе чиј „престој“ во Шенген е всушност нивно работно место.













