Скопска Апелација има уште 4 работни дена да донесе одлука за Талир 2 пред да застари на 31 август. Првостепената пресуда со која Никола Груевски доби ослободителна пресуда и беше одбиена конфискацијата за седиштето на ВМРО ДПМНЕ судијката Даниела Алексовска Стојановска ја објави на 14 јули. На 5 август обвинителството поднесе жалба а ден подоцна Кривичен го испратил предметот во повисокиот суд кој треба да одлучи по жалбата
Од информациите од скопска Апелација изминатиот период предметот бил испратен два пати во вишото скопско обвинителство, еднаш за да може вишиот јавен обвинител да даде мислење за жалбата на основниот а по втор пат затоа што во меѓувреме стасал одговор на жалбата од одбраната кој што вишиот обвинител го немал предвид кога првично давал мислење.
Предметот бил вратен во судот но до сега нема одлука. Од Апелација за Телма потврдија дека никој не барал да се одржи јавна седница што значи дека судиите ќе го разгледуваат предметот зад затворени врати. Според информациите на Телма известител на судијката Лирие Елези Ајрулау. Виш јавен обвинител е Јован Цветановски. Тој беше обвинител и кога првиот пат Талир 2 со пресуда за Груевски од 6 години затвор дојде пред Апелација и тогаш предложи да биде вратен на повторно судење.
Апелација може да ја потврди ослободителната пресуда или да ја преиначи. Со оглед на тоа што предметот еднаш е веќе укинат од повисокиот суд, сега доколку оцени дека треба да се и укине и преиначи не може да го врати во Кривичен туку апелационите судии ќе треба да закажат судење и да остават право на жалба пред Врховниот суд но за оваа опција времето може да биде прекратко.
Како клучна причина за ослободителната пресуда за Груевски судијката Алексовска Стојановска од Кривичен ги наведе измените на КЗ но екс обвинителката Ленче Ристоска која го водеше предметот до пред неколку месеци и си поднесе оставка поради одземените овластувања јавно наведе повеќе противречности. И обвинителството откако го прочитало образложението на пресудата поднесе жалба.
Елена Ивановска Мукоска
Б.С.













