Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Добри луѓе“ и „Руини“ две македонски премиери на „МакеДокс“ вечерва и утревечер

/

Култура

Сподели преку :

По светската премиера на филмскиот фестивал во Сараево, вечерва на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи официјалната македонска премиера на првиот долгометражен документарен филм на Милчо Манчевски „Добри луѓе“.

Филмот е посветен на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, а ќе биде прикажан во главната натпреварувачка програма. А, по учеството на фестивалот во Шангај, утревечер во програмата „Нови автори“ на „МакеДокс“ ќе се одржи македонската премиера на филмот „Руини“, на авторката Елена Чемерска. Низ интимен јазик, авторката зборува за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани и за врската со нејзиниот татко-уметникот Глигор Чемерски, кој го изработи мозаикот на споменикот.

Потресен филм низ сведоштва на жртвите, преживеаните и на спасителите на унесреќените во пожарот во кочанската дискотека „ Пулс“, минатата година. Вака накусо може да се опише првиот долгометражен документарен филм на Милчо Манчевски- „ Добри луѓе“, кој по Сараево вечерва премиерно ќе биде прикажан пред домашната публика на фестивалот „ МакеДокс“, во главната програма. Според Манчевски, идејата била на сведоците на трагедијата да им се даде глас што ќе го чујат и идните генерации.

  • Сакав нивниот глас директно да се чуе без медијација и да се фокусираме на таа трагична ноќ. Да се фокусираме на пеколот низ кој добрите луѓе поминувале затоа што кога се случува таква трагедија нешто се менува внатре. Нешто се менува во човекот. И намерата наша беше тоа да го регистрираме, кажа режисерот Милчо Манчевски.

Филмот е реализиран низ минималистичка форма. Манчевски го снимал со мала екипа и од сопствени средства, со поддршка на „ Support Kocani“. Приходот од продадените билети од проекциите е наменет за настраданите во Кочани. „ Добри луѓе“ сношти беше прикажан во Кочани, а ќе следат уште две проекции утре и задутре. Од 26 август филмот ќе се прикажува во скопскиот Cineplexx.

А, утревечер во програмата „ Нови автори “ на „ МакеДокс“ ќе се одржи македонската премиера на документарецот „ Руини“, по сценарио и во режија на Елена Чемерска. Тој во јуни учествуваше на филмскиот фестивал во Шангај.Според авторката, филмот се врти околу два поврзани концепти.

  • Иако главното дејство во филмот се врти околу ревитализацијата и реставрацијата на Споменикот на слободата, тој не го гледа него само како објект, туку го гледа како уметничко дело со некаква филозофска програма, која што главно се бави со љубов. И во таа смисла , мислам дека филмот главно се бави со концептот на уметничко дело или уметност, како слика за светот и љубовта , како два врзани концепти, вели Елена Чемерска, авторка на филмот.

Филмот е резултат од повеќегодишниот проект на Чемерска, насловен „Татковина: Споменик на слободата“. Тој првин се занимавал со значенската ревитализација и со физичката реставрација на споменикот, дополнува авторката. Проектот траеше од 2017 до завршните работи од реставрацијата на споменикот во 2024 година. Финансиски беше поддржан од американскиот амбасадорски фонд за зачувување на културата. „ Руини“ е копродукција меѓу Македонија, Хрватска и Словенија.

Сотир Трајков