Градежна и земјоделска механизација прави засеци низ нивите за да огнените јазици не зафат куќи во атарите на струмичките села Баница и Водача. Пожарот избувнал попладнево.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вели дека на терен се струмичките пожарникари, но на помош се повикани и пожарникарите од соседните општини, за да се стави под контрола огнената стихија, која што се шири брзо поради високата трева.
- Во овој пожар нема изгорени куќи, зафатен од огнот е само некој помошен објект, но и тој не е изгорен. Нема повредени лица, една возрасна госпоѓа не сакала да ја напушти својата викендица, но била присилно изнесена за да не настрада доколку огнот дојде дотаму. Апелирам да не се создава непотребна паника. Сите пожари изгледаат страшно, но кога се блиску до град изгледаат многу страшно бидејќи тогаш се видливи за многу повеќе луѓе, рече Ангелов.
Во земјава денеска има пожари на 20 локации од кои најмлаку 11 се активни, а пожарникарите, доброволците и месното население учествува во нивното гаснење. Гори ниска трева, шума во атарите на три Прилепски села, Кичевско, Врапчиште и Маврово-Ростуше.
- Имаме пожар којшто се шири на територијата на општина Студеничани во насока на планинското село Цветово, којшто се заканува на еден објект во којшто најверојатно имаме трло.Понатаму, пожар изби во текот на вчерашниот ден на територијата на општина Желино, атар на село Церово. Тоа е пожар зад мене, којшто се шири високо во ридиштата, гори неквалитетна шума, грмушки, трња, но може да ги загрози овие лозја коишто се зад мене. Претходно зборував со командирот на тетовските пожарникари, којшто ќе испрати овде екипи, рече Ангелов.

Тој вели дека поради високите температури коишто се движат околу 40 степени се очекува во наредните денови бројот на пожарите да се зголеми. Затоа упати апел граѓаните да направат засеци околу нивните куќи и да го исчистат теренот од висока трева и грмушки, за да ги заштитат своите домови и објекти.
Викторија Јованова
Б.С.













