Целосно е изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица кое ноќеска беше загрозено од пламените јазици – информираше утринава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој повтопрно апелира до граѓаните да бидат внимателни бидејќи доволна е само искра која ако падне на сува трева може да настане вистинска катастрофа.
„Утрово селата Бонче, Подмоље и Лопатица се безбедни. Тешка ноќ имаа пожарникарите од Прилеп, доброволните пожарникари ангажирани преку ДЗС, сите ние кои се наоѓаме во селото Лопатица кое синоќа беше загрозено од пламените јазици“, истакна Ангелов.
Според него, пожарната линија која била видлива од регионалниот пат Прилеп Битола е целосно изгасната, активен е само уште еден крак високо над селото Бонче.
„Голема благодрност до прилепските пожарникари кои ноќва со контра пожар којшто го правеа над една противпожарна пресека во непосредна близина на село Лопатица, претходно изработена со механизациј успеаја да го прекинат огнот и да не му дозволат да ја премине пресеката и на тој начин да го загрози селото Подмоље“, додаде Ангелов.
Тој вели дека е загрижен дека зголемувањето на температурите околу пладне на одредени делови огнената линија да биде реактивирана.
„Но, наша задача е да внимаваме на неа. Овде има пожарникари од Прилеп и исто така се наоѓаат и посадите на двата Пинцгауери кои ќе внимаваат и доколку дојде до реактивирање, да ја изгаснат. Пожарот и од мариовската страна е изгаснат или ставен под целосна контрола. Оптимист сум дека денеска имаме можност да му го зададеме последниот удар па и на мое изненадување целосно да го изгаснеме овој најголем пожар оваа сезона“, рече Ангелов.













