Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори предметот за 19-те модуларни болници. По пет години предистрага, обвинителството не открило злоупотреби на службената положба при јавните набавка на модуларните болници. Била анализирана обемна документација и сослушани сведоци, а посебен акцент обвинителството става на документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, во Струга, во Прилеп, во Велес и во Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита. Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Итноста поради Ковид кризата и тоа што немало штета на буџетот беа дел од аргументите што на брифингот со новинарите ги кажа обвинителката Верица Бержецка Крстева.
Таа предметот го доби пред четири месеци од Елизабета Јосифовска од поранешното СЈО, откако новиот државен обвинител одлучи да ги повлече овластувањата на обвинителите за предмети кои не се во надлежност на нивното обвинителство. На новинарските прашања како таа донела одлука сега за краток период, шефот на ова обвинителство Абази рече дека Јосифовска до крајот собирала докази и издавала наредби.
Обвинителката Бержецка посочи и дека модуларните објекти во 2020 година во законот за градење не биле предвидени како градби за кои не е потребно одобрение за градење. Нема надзор затоа што се води како стока, не како градежен објект. Се води од крајна итност – да бидат монтирани што е можно побрзо. Значи, излегува од процедура затоа што конкретно и процедура нема рече обвинителката.
„Предмет на анализа беше и постапката за набавка на модуларни монтажни контејнери во рамките на проектот за итно справување со ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација“, велат од ОЈО ГОКК.
Проектот се реализираше во време кога министер за здравство беше Венко Филипче, а го изведуваше фирмата „Брако“ на поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.
Предистрагата за набавката на модуларните болници беше отворена на 10 септември 2021 година, два дена по пожарот во модуларната во Тетово во која животот го загубија 14 луѓе. Предмет се водеше и во тетовското обвинителлство. За тешки дела против општата сигурност, тетовскиот суд им пресуди година и пол затвор на двајцата поранешни директори на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми во повторената постапка. Апелација Гостивар двојно им ги зголеми казните на по три години затворска казна.
Елена Ивановска Мукоска













