Европската Унија (ЕУ) има голем интерес за проширување, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка, кој рече дека Чешка е подготвена да помогне да се надмине спорот меѓу Македонија и Бугарија и да се откочи евроинтегративниот процес на земјата, со изнаоѓање на решение прифатливо за двете страни.
„Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку на сите земји-членки на ЕУ“, порача Мацинка.
Министерот на чешката дипломатија, кој престојуваше во Охрид во официјална посета на Македонија, зборувајќи за механизмот за носење на одлуки во Унијата, вклучително и носењето на одлука за проширување, вели дека способноста на Унијата да постигнува едногласност останува исклучително важна. Според него, Чешка не сака да се менува системот, со што одредени прашања би се решавале со квалификувано мнозинство, ниту да се намалува бројот на прашања за кои е потребна едногласност. Затоа, изјави Мацинка, неопходно е да се постигне консензус.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, пак, по најавата на Мацинка дека чешкиот премиер, Андреј Бабиш во наредните недели би требало да ја посети Бугарија, при што една од темите на разговор би биле и македонско-бугарските односи, изјави дека земјава останува посветена на изнаоѓање на решение, но со подвлекување на познатите црвените линии.
„За прашања поврзани со историја, јазик, идентитет и култура не сме подготвени да преговораме. Прво, бидејќи сметаме дека тоа ги нарушува нашите права, па дури и основни човекови права, како луѓе и како граѓани на оваа земја, но, исто така, бидејќи сметаме дека прашањата од таква природа не се европска вредност или критериум, туку се суверени права на секоја земја, вклучително и суверени права на земјите-членки на ЕУ“, изјави Муцунски.
Муцунски притоа рече дека Македонија не бара привилегиран третман, туку фер и европски процес и оти Македонија е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни сите европски стандарди, но очекува напредокот да ѝ се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени критериуми, а не врз билатерални теми.
Тамара Грнчароска













