По една година пауза, поради пандемијата, македонскиот филм годинава со повеќе содржини на филмскиот фестивал во Кан, чие 74 издание започна вчера со физичко присуство. За првпат имаме филм во официјална селекција – краткометражниот „Северен пол“ , кој е поддржан од Агенцијата за филм.
Најновиот филм „ Северен пол“, на режисерката Марија Апчевска, во продукција на „ Кино Око“, светската премиера ќе ја има на 16 јули, во 11 часот во салата „Дебиси“. На проекцијата ќе присуствува дел од екипата на филмот, а Агенцијата за филм организира коктел забава , претходниот ден. На неа ќе бидат поканети соработници и претставници од европската и светската филмска индустрија, присутни на Канскиот филмски фестивал. Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита преку официјална честитка во престижниот филмски магазин Variety , чие печатено дневно издание ќе биде објавено на 10. јули.
На Филмскиот маркет , во рамките на Павилјонот на земји од Југоисточна Европа, ќе има проекции на две домашни филмски остварувања : „Снежана на крајот умира”, на Кристијан Ристески, кој ќе биде прикажан на 9. јули во 11:30 часот, во Palais F., а во истата киносала маркет проекција ќе има и филмот „Денот на жената“, на Гоце Цветановски, на 11 јули во 11:30 часот.
Филмскиот маркет трае од 06. до 15. јули, а Агенцијата за филм, како и секоја година досега, ги презентира најновите филмови кои се во пост продукција или се завршени, најновите каталози во кои се претставени сите нови филмски проекти реализирани во 2020 и 2021 година и филмови кои се во фаза на реализација, како и мерката за право на поврат на средства за снимање на странски продукции. Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилијонот, а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на он-лајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online.
Годинашново издание на филмскиот фестивал во Кан ќе трае до 17. јули,. Фестивалот го отвори францускиот филм “Анет”, на режисерот Леос Каракс.
Џоди Фостер, Мет Дејмон, Стив МекКвин се меѓу гостите говорници на ова издание на фестивалот. Главната ѕвезда на овој дел од програмата се уште не е откриена.
