Се зголемува бројот на заразени со западнонилска треска. За една недела 12 новозаболени и три смртни случаи. Министерството за здравство почна масовна СМС кампања со препораки за граѓаните за заштита од западнонилска треска.
Расте бројот на заболени со западнонилска треска. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, 36 потврдени и два суспектни. Само во изминатата недела, според извештајот на ИЈЗ, се пријавени 12 нови случаи.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 20 пациенти, сите над 60 години. Во моментов пет пациенти со коморбидитети се во тешка состојба, дел од нив на механичка вентилација. За подигање на свеста кај граѓаните за личните превентивни мерки за заштита од западнонилска треска во тек е СМС кампања за информирање на населението.
„Вчера започнавме со таргетирано информирање на граѓаните 60+ од четирите општини во кои е прогласена епидемија. Значи од вчера почнавме од Петровец преку Гази Баба се испратени 6.526 СМС пораки и ќе се испратат уште 31.000 СМС пораки во овие таргет општини. Во СМС пораките има линк упатство за лична заштита и досега од информациите од „Мој термин“, 70% од граѓаните го отвориле линкот“, информираше на денешната прес конференција Сашо Клековски, министер за здравство.
Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје истакна дека доминира возрасната група над 60 години.
„Меѓутоа не можете да исклучите дека ќе се појават случаи во помалите возрасни групи. Се надеваме дека клиничката слика кај нив ќе биде полесна да, но не можете да исклучите дека и таму евентуално може да се појават невроинвазивни форми дефинитивно како такви“, додаде таа.
Според спроведената контрола на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, градот Скопје и општините се придржуваат на поднесениот елаборат за дезинсекција со исклучок на Општина Студеничани. Со активности за дезинсекција најрано започнала Општина Илинден уште во април со прскање од земја. Сите средства што се користат се одобрени од СЗО.
Во петок министерот Клековски ќе има заеднички состанок со одговорните од сите општини од скопскиот регион за координација со Центарот за јавно здравје- Скопје за решавање на проблемот со застоените води.
Нина Стефанова













