Во тек се подготовките за заминување на дипломатот Крум Ефремов за амбасадор во Софија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
- Кога се работи за амбасадорот во Софија, веќе постапката е во фаза да таа веќе не е класифициран податок и можам јавно да споделам дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде амбасадорот Крум Ефремов, професионален дипломат, еден од поквалитетните, би рекол, дипломати според мое мислење, иако имаме одлични колеги во рамките на МНР, но навистина квалитетен наш дипломат, актуелен директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството, којшто служел како наш амбасадор во Украина во минатото и тој ќе биде наш амбасадор во Софија. Во моментот течат подготовките за негово заминување во Софија, рече Муцунски.
Тој потсети дека со измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи, предложени од оваа Влада, се гарантира застапеноста на професионалните дипломати како шефови на дипломатско-конзуларни претставништва, со еден зголемен праг.
- Со Бугарија постојано има дијалог, од моментот кога е формирана оваа Влада до денес. Имало период кога дијалогот бил поинтензивен или помалку интензивен, но нема момент во кој ние не сме дискутирале за изнаоѓање соодветно праведно решение во рамките на позициите кои ние ги имаме, изјави Муцунски на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека „црвените линии на нашата држава се поврзани со нашата историја, идентитет, јазик и култура“.
- Очекуваме систем на гаранции од европските институции. Очекуваме почитување на реципроцитетот кога се во прашање човековите права и очекуваме решение што ќе биде насочено кон заштита на нашите позиции поврзани со идентитетот, јазик, култура и историја, рече Муцунски.













