Триесет и четири години македонска Армија. Одбележувањето на 18 август Денот на Армијата почна денеска од штипската касарна „Јане Сандански“. Ден кој е симбол на воената традиција, храброста на генерациите кои ја штителе татковината, но и на професионалноста на денешните припадници на Армијата, кои порачаа дека гордост е да се биде припадник на Армијата, чии корени длабоко се протегаат во историјата на македонскиот народ.
- Нашата Армија не отстапи ниту во најтешките моменти кога татковината и граѓаните имаа потреба од нејзината помош. Во изминатиот период, припадниците на Армијата беа ангажирани во справувањето со последиците од природните непогоди, учествуваа во гаснењето на пожарите на повеќе од 30 локации низ територијата на државата и дадоа свој придонес во поддршката на институциите при справувањето со последиците од трагичниот пожар во Кочани-рече потполковник Ристо Стоев командант на 2. пешадиски баталјон.
Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина, Либан, Централноафриканска Република, Косово, Латвија, Романија и Бугарија се земјите во кои припадниците на македонската Армија учествувале во меѓународни операции и мисии.
На 27 март 2020 година Македонија стана 30-та членка на НАТО.
Командантот на Вториот Пешадиски батајлон попоолковник Ристо Стоев вели дека со членството во Алијансата, Армијата стана дел од најмоќниот колективен безбедносен систем. Македонската Армија 34 години постојано се модернизара и се приспособува кон безбедносното опкружување и современите предизвици.
- Промените во начинот на водење на воените операции, развојот на новите технологии, информациските операции и сајбер-просторот, беспилотните системи, електронското војување и потребата од брзо донесување одлуки бараат од нас постојано учење, прилагодување и унапредување.Затоа, нашата најголема сила мора да останат луѓето – обучени, мотивирани и професионални припадници кои знаат дека секоја задача, без разлика колку е сложена, мора да биде извршена совесно и одговорно-рече Стоев.
На 18 Август 1943 година, на падините на Славеј Планина е формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата организирана воена единица на македонската војска. По повод Денот на македонската Армија беа наградени војници и старешени на Вториот Пешадиски баталјон, а централната манифестација ќе се одржи утре.
Викторија Јованова
Б.С.













