Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Во Битола еден ден се асфалтира, следниот ден се копа асфалтот

/

Македонија

Сподели преку :

Еден ден траеше асфалтот на новата улица „СТУ 3“ во битолската касарна. Во петокот додека се асфалтираше, градоначалникот Тони Коњановски објави видео снимено со дрон, со кое соопшти дека се работи за сообраќајница долга 421 метар, а вкупната вредност на проектот е над 300 илјади евра. Но, веќе следниот ден дел од новопоставениот асфалт беше отстранет. Реагираше опозициската СДСМ.

Само еден ден по вчерашното асфалтирање, денес асфалтот се копа. Зошто се прават вакви пропусти, кој ќе ги надомести овие штети и зошто новиот асфалт е отстранет? Граѓаните заслужуваат одговор, изјави Софија Ристевска Петрушева, советничка од СДСМ.

Советникот од независната советничка група „Поинаку“, Иван Чулаковски, новата улица ја нарече „Фушарска 3“ и праша  дали конечно некој ќе одговара за повторените интервенции на новоасфалтирани улици.

Вчера излезе градоначалникот, се снимаше со дронови и кажа дека се асфалтира улицата во Касарната, инвестиција од 19 милиони денари од владиниот повик. Само по 24 часа, можеби и помалку, еве како изгледа асфалтот, рече Чулаковски.

Од Општина Битола нема дополнително објаснување. Наместо тоа, беше споделено соопштението на изведувачот „БВ Инженеринг“. Од компанијата велат дека улицата сѐ уште е во изградба и не е предадена на инвеститорот. Објаснуваат дека дел од новопоставениот асфалт е отстранет поради обилните врнежи од дожд.

Иако асфалтот беше изведен со задоволителен квалитет, одлучивме, на наш трошок, да го отстраниме делот кој се наоѓаше во последните две транспортни средства, со цел да се обезбеди соодветен квалитет и трајност на изведбата. Градежните активности продолжуваат во понеделник, соопштија од „БВ Инженеринг“.

Но, овој случај не е единствен. Во изминатиот период, по завршувањето или во текот на реализацијата на повеќе новоасфалтираните улици беа вршени корекции или повторно асфалтирање.

Такви интервенции имаше на делови од булеварскиот влез, на улицата „Бурса“, на кружниот тек кај поранешната Ветеринарна станица, на улицата кај трговскиот центар „Блис“ и др. Од Општина Битола и претходно уверуваа дека ваквите корекции се на товар на изведувачите

Емилија Мисирлиевска

Jumbo 2