Додека пожарникарите и доброволните противпожарни друштва се борат со огновите низ земјава, полицијата приведе две лица кои биле затекнати како предизвикуваат пожари во Битола и Прилеп.
Од СВР Битола соопштија дека по расчистување на случаите, против двајцата ќе следуваат пријави.
На 14 август околу 21 часот и 15 минути, на местото викано „Тепсија“ во Битола е уапсен 39-годишен битолчанец кој бил затекнат како предизвикува пожар. Ден претходно, во Прилеп, полициски службеници привеле прилепчанец кој исто така бил затекнат при подметнување пожар, а кај него била пронајдена и запалка, известија од СВР Битола.
Во меѓувреме, пожарите и натаму не стивнуваат. До 7 часот утрово имаше 27 пожари на отворен простор, а до 13 часот се регистрирани 11 пожари, соопштија од ЦУК.
Шест од нив се активни – во општините Студеничани, Македонски Брод, Велес, Јегуновце, Бутел и Маврово-Ростуше.
На територијата на општина Македонски Брод последните три дена работи специјалниот модул за шумски пожари, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на Дирекцијата, на тешко пристапен, карпест и стрмен терен. За жал, сè уште имаме активни краци на овој пожар. На територијата на општина Јегуновце се уште е активен пожарот над село Копанце. Гори високо во планината, а поради опасноста да се прошири кон ближните села, врз него ќе дејствуваат три ер-трактори на Дирекцијата, изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Активен е и пожарот во атарот на С’лп, Велешко, каде што вчера ер-тракторите им помогнаа на пожарникарите огнот да не стигне до селото. Под контрола се трите пожари во Крушевско, а во Битолско е изгаснат пожарот кај потпелистерското село Нижеполе.
Во Прилепско, пак, вчерашната интервенција на пожарникарите заврши и со инцидент. Сопственикот, најверојатно вознемирен поради големата материјална штета откако му изгорела шталата со поголемо количество тутун, ги туркал и ги спречувал пожарникарите додека се обидувале да го гаснат огнот. Инцидентот е пријавен во полиција.
Емилија Мисирлиевски













