Жителите на Гостивар, среде лето на пеколни температури, пет недели по ред немаат безбедна вода, 5.000 граѓани завршија по болници со здравствени проблеми, има нови случаи и реинфекции, а Мицкоски и Клековски се на екскурзија, обвинуваат од СДСМ.
„Пет недели граѓаните на Гостивар се принудени да чекаат во ред за пластично шише со вода. Ова е реалноста со која се соочуваат гостиварци. Ова не е нормална состојба, туку трагедија, скандал без крај. А Мицкоски и Клековски се на екскурзија. Мицкоски ниту еднаш не ги посети, не отиде во Гостивар. Испрати неколку цистерни вода за цел град. Со недели ветуваше дека „утре ќе има вода за пиење“. Сега луѓето ја користат како техничка, а никој не дал документ дека е исправна ниту за тоа. Го нема веќе ни Клековски да кажува колку брзо водата ќе стане безбедна. Сега се чека 20 август, а до тогаш граѓаните ќе преживуваат“, велат од опозициската партија.













