Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Наезда на комарци во Драчево и страв од западно-нилска треска

/

Македонија

Сподели преку :

Дадовме едно чудо пари за креми и спрејови, ама не вршат работа. Навечер не можеме да излеземе од дома, се жалат жителите на скопската населба Драчево по наездата на комарци. Се сомневаат и во квалитетот на препаратите со кои надлежните прскаат против комарци. Родителите се чудат како да ги заштитат децата.

„Ако ги погледнеш во нозете се како сипаници да имаат, не помага ништо. Ако ги испрскаш по телото со спреј против комарци, на лицето ќе ги каснат, еве мали се сите, решето ги прават.“

„Нема штитење, ништо не помага за децата, ништо, ни спрејови, ни гелови, ништо. Ги мачкам, ги прскам, и со најскапите сум пробала, ништо не помага, ете ги пак се искасани мали бебиња. Нема чаре, дома да си седиме затворени“.

„Бегаме внатре, аутан, аутанот е веќе 400 денари, така што не е во ред. Парите се трошат за нешто што може да биде средено со прскање.“велат граѓаните.

Повозрасните, пак, се сомневаат и во прскањето и во квалитетот на препаратите со кои надлежните прскаат против комарци.

„Вака не било никогаш. Што се случува не знаеме. Порано се знаеше, се прскаше авионски и дури и бегавме од мирисот наутро, после немаше проблем, комарците ги немаше. Сега ништо, како водичка да пуштаат одозгора, што се случува, како се случува, никој ништо не знае. Страшна работа, овие неколку години, тоа е чудо“.

„Тоа се посебни комарци, некои црни, огромни. Сега со ова нилскава треска навистина сме исплашени од комарците“.

„А и отровите што ги прскаат, јас памтам како дете цело Драчево смрдеше на пестициди и на тие отрови, сега тоа што го пуштаат, како да пуштаат вода право да ви кажам, ни на отров мириса ни ништо.

А инаку треба да си ја исчистат Маркова Река којашто е направена депонија, треба да се исчисти за да не се множат комарците, само тоа е лекот“, порачуваат граѓани.

Други, пак, ја тераат работата на мајтап.

„Да се бањаат и да ставаат дезодоранс. Комарци не одат на тоа“, вели повозрасна жителка на Драчево.

Во моментов има 24 потврдени и два сомнителни случаи на западнонилска треска во земјава. 20 луѓе се хоспитализирани. Од нив петмина се во тешка состојба и се на механичка вентилација на интензивна нега. Само во изминатата недела се регистрирани 13 нови случаи, а еден 83-годишник, кој имал и придружни болести, починал.

„Половина од заболените од западнонилска треска се од Драчево. Властите вчера прогласија епидемија во пет скопски општини и десетина населени места. Прогласувањето на епидемија само по себе не значи ништо. Засега има препораки: носете облека со долги ракави. Не излегувајте на самрак и во зори, мачкајте се со средства против комарци, спуштајте комарници. Има и вонредно прскање против комарци.

Властите уверуваат дека нема простор за загриженост. Болеста не се пренесува од човек на човек, туку само по убод од тигрест комарец. Епидемиолозите велат проблемот со тигрестите комарци е што веќе станаа автохтони и им треба многу мала количина застоена вода, како саксија, за да се размножуваат, а авионското прскање против нив не врши работа.

„Во ситуација кога имаме сè повеќе тигрести комарци, аеропрскањето не значи ништо. Тие се лоши летачи, тие се при дното на тлото, во разни грмушки, и одозгора не им можете ништо. Тука единствено доаѓа предвид терестрична, локална дезинсекција. Исто така можеби, јас не знам, ама можеби не е ефикасно правена ларвицидна дезинсекција која се прави на рана пролет пред да излезат комарците. Она што сега се прави не се превентивни, туку се противепидемиски мерки“, вели епидемиологот професор Драган Даниловски.

Општина Кисела Вода вчера објави дека е извршено вонредно прскање против ларви од комарци на критичните точки во Драчево – каналите, застоените води и влажните места каде што се собира вода, а за утре е најавено прскање против комарци.

Срѓан Стојанчов

 

Jumbo 2