Граѓанскиот судија кој не ја применил одлуката на Уставниот суд за утврдена повреда на загарантираното право на слобода на изразување на новинар при известување од упадот во Собранието на 27-ми април, не ја исполнил уставната должност да работи согласно Уставот, законите и меѓународното право.
Ова стои во реакцијата на Уставниот суд до Судскиот Совет и Здружението на судии кои му се обратија на Уставниот со потсетување на судиската независност и тврдење дека треба да се чека правосилност на одлуката за да не се создаде впечаток за можен притисок врз судиите во конкретниот предмет и да не се прејудицира одлука. Уставниот врати со реакција дека судската независнот не може да оправда непочитување на Уставот.
- Независноста при судиското одлучување не може да се толкува како можност конечните и извршните одлуки на Уставниот суд да бидат ставени под повторна оценка, релативизирани или нивното правно дејство да биде одложено. Фактот дека решението не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд, на ниеден начин не можат да ја променат фактичката состојба дека судија на Основниот граѓански суд не извршил одлука на Уставниот суд, соопшти судот.
Случајот беше отворен минатата недела кога Уставниот суд соопшти дека граѓански судија не прифатил одлука на Уставен суд како нов доказ и за тоа ги извести Обвинителството и судскиот совет. Соопштението беше протолкувано како влез во судиската независност.
Случајот се однесува на новинарка која била загрозена и државата не и овозможила слобода на изразување за време на собранискиот крвав четврток. Уставниот суд утврди дека и Граѓанскиот и Апелациониот суд во Скопје со своите пресуди извршиле повреди на уставното право на слобода на изразување на мисла.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.













