Прогласена епидемија на заподнонилска треска во пет скопски општини: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден. Ваквата одлука следи согласно Законот за заштита на населението од заразни болести по зголемениот број на потврдени случаи во изминативе недели.
Здравствените власти порачаа дека нема место за паника, состојбата се следи во координација со Институтот за јавно здравје, Комисијата за заразни болести, Центрите за јавно здравје и Инфективната клиника.
– Тоа се Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и некои зафатени населби, населени места како Драчево, дел од Илинден, дел од Кисела Вода накај Пржино, Идризово, Долно Лисиче, Бутел, Кадино, Јурумлери и Трубарево. Причината за прогласување на епидемија е самата дефиниција која повлекува и пријавување на епидемија во случај кај вектор пренослива болест, изјави д-р Златко Арсениевски, Центар за јавно здравје- Скопје.
Само во изминатава недела се регистрирани 13 нови случаи на западнонилска треска, сите со невроинвазивна форма и хоспитализирани на Инфективната клиника, каде во моментов се хоспитализирани вкупно 20 пациенти со вирусот Западен Нил. Пет се во тешка состојба на механичка вентилација на интензивна нега.
– За жал морам да напоменам дека 83 годишен пациент со иницијали А. В од Скопје е починат. Пациент кај кого е утврдено дека и дијагностички потврдено дека има невроинвазивна форма на вирусот Западен Нил. Треба да се напомене дека пациентот имаше и доста придружни заболувања, соопшти д-р Фадил Цана, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
Во претстојниот период треба да бидат преземени сите дополнителни мерки за превентива, велат од Центарот за јавно здравје- Скопје, меѓу кои и подигање на свеста кај населението во тие региони, користење на репеленти, поставување на мрежи за комарци на прозорци и врати, да се избегнува престој надвор кога комарците се најактивни ( во зори и на зајдисонце).
Заклучно со 11 август 2026- та во државата се регистрирани вкупно 24 случаи на западнонилска треска и 2 се веројатни, посочуваат од Институт за јавно здравје.
– 25 од случаите се од Скопје и еден случај е од Велес. Сите случаи се на поголема возрасна група, односно над 60 години, 22 случаи, а четири лица се на возраст од 55 до 59 години. Станува збор за случаи кои се автохтони, тука од Македонија со податок кај едно лице за патување во Грција, меѓутоа периодот на инкубација не го исклучува престојот во Македонија во тој период, изјави д-р Марија Гочевска, Институт за јавно здравје.
Во однос на симптомите западнонилската треска некогаш почнува и само со главоболка, покачена температура, гадење, повраќање, дијареја, но не секој вид на таков вид симптоми сугерира на западнонилска треска, вели доктор Арсениевски.
Нина Стефанова













