Од велешката болница пристигна информацијата од која стравуваа епидемиолозите – детектирана е индиската мутација кај невакциниран пациент.
Хоспитализираниот е 43 годишен пациент и веќе седум дена е во болнички кревет, а е вратен од Англија пред две недели.
И не е само тој, туку се чекаат резултатите за уште неколку кај кои со секвенционирање е исклучена можноста да се заразени со британската мутација, па така, резултатите сега треба да покажат дали има присуство на Делта-варијантата и во нивниот организам. И тие исто невакцинирани.
Овие случаи на никаков начин не се епидемиолошки поврзани односно немале меѓусебен контакт, а дополнително треба да се утврди и каде се заразиле со вирусот.
„Во повеќе од 100 земји веќе е регистриран овој сој, кај нас досега имаше потврдени три случаи. Во текот на вчерашниот ден потврден е уште еден случај, тоа е еден пациент којшто се лекува во болницата во Велес и има лесна клиничка слика, а чекаме резултати за уште четворица пациенти и ќе ги имаме денеска. Тие се лекуваат тука во Скопје и само еден од четворицата е во потешка клиничка форма, на респираторна машина, а другите се со стабилна клиничка слика.“
Оваа информација пристигна ден откако Комисијата за заразни болести ги евалуираше ризиците за ширење на индиската мутација на вирусот и сепак одлучи да не препорача никакви нови мерки. Запрашан за ставот на стручните лица во однос на ПЦР-тестовите на граница, министерот за здравство кажа дека неделава, најдоцна наредната ќе заземат став по тоа прашање и покрај тоа што вчера Комисијата ништо не препорача, со оглед на тоа што други земји во регионот периодов регистрираат и повеќе заразени отколку кај нас, но сепак бараат ПЦР за влез во земјата.
Докторите спасот од мутациите и од пандемијата воопшто го гледаат во вакцините и апелираат на забрзано темпо на имунизација. А, податоците од вакциналните пунктови покажуваат дека заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 380.624 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 10.732 граѓани, а вкупно во денот се вакцинирале 14.818 граѓани.
Петар Догов
