Водата за пиење во Скопје е безбедна, соопшти ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Според резултатите од извршените испитувања, сите анализирани примероци од водоснабдителниот систем ги исполнуваат пропишаните стандарди за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Во текот на денот, Секторот за санитарна контрола зел 42 примероци од водоводната мрежа во Скопје, од кои четири се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец. Примероците се испитувани со физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025:2018.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ посочуваат дека мониторингот се спроведува согласно важечките прописи за безбедност и квалитет на водата за пиење. Добиените резултати потврдуваат дека водата од скопскиот водоснабдителен систем е соодветна за пиење.













