Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Струмичките земјоделци ги прекинаа протестите, договорена е повисока цена за ајварката

/

Македонија

Сподели преку :

Струмичките земјоделци ги прекинаа протестите, откако со откупувачите и преработувачите договорија повисоки откупни цени за ајварката. Од утре првата класа ќе се откупува по 40 денари, класата за индустриските капацитети, наместо досегашните 25, ќе се откупува за 30 денари, додека за втора класа цената ќе биде 15 денари. Договорот е постигнат на денешната средба на сите засегнати страни со министерот за земјоделство, Борче Серафимовски.

„Овие цени почнуваат од утре и ќе бидат актуелни сè додека имаме пиперка од оранжериско или индустриско производство. Цената ќе биде согласно квалитетот и квалификацијата. Добив гаранција од откупувачите и преработувачите дека тие ќе го почитуваат ова и ние како држава овој процес ќе го контролираме преку Државниот инспекторат за земјоделство и ќе бидеме на терен активно да го следиме процесот и објективното проценување на пиперката и задржувањето на овие цени до максимален период“, изјави Борче Серафимовски, министер за земјоделство. 

Министерот апелираше и до земјоделците, родот да го предаваат според утврдените класификации, за да ја добијат соодветната цена. Токму ниските цени беа причина за четиридневните протести и блокади во Струмица. Струмичките земјоделци засега се повлекуваат од улиците, но велат дека ќе следат дали договорените цени ќе се почитуваат.

„Можеби ќе се налутат од магацините, но тие најмногу манипулираат со квалитетот на пиперката. Ние како земјоделци сме чесни луѓе, носиме квалитетна пиперка. Тие ја преработуваат за извоз, па што ќе остане ја пуштаат како прва и втора класа и затоа доаѓа до конфликти меѓу откупувач, преработувач и земјоделец“, вели Илија Василев, производител на пиперка ајварка. 

На средбата се отвори и прашањето за заостанатите субвенции за 2025 година, за што пелагониските земјоделци вчера најавија блокади на граничниот премин Меџитлија, ако до крајот на неделава не ги добијат парите. Министерот кажа дека со ребалансот се обезбедени над една милијарда денари, а исплатата на субвенциите за грло добиток и житни култури треба да започне по владината седница на 18 август. До крајот на месецот најави целосна исплата.

Емилија Миирлиевски

Jumbo 2