Наместо олеснување на сообраќајот овој нов кружен тек во Тетово поради несовени поединци кои паркираат возила, стана опасност за безбедноста во сообраќајот и придонесе за урбаниот метеж. Отсуство на сообраќајна дисциплина во градот, како и хроничниот недостиг од паркинг-простори се децениски предизвик. Во градот е тешко да се најде паркинг и покрај живеалиштата, а уште потешко на другите места.
,,Јас пред зградата моја никогаш паркинг не можам да најдам, по улициве се бориш по пола час каде да паркираш и секој ден е истиот проблем. Има премногу згради, премногу возила”, вели жител на Тетово.
,,Живеам во оваа зграда позади мене, за 142 стана има само 42 паркинг места па може да замислите каков хаос е, а секој веќе во просек има по две возила дома што значи проблем е огромен”.
,,Пример кај мене, живеам кај Блок77, имаше паркинзи порано колку што имаше станови. Моментално сега нема се доселија од другите села и зафатено е, значи проблем е. Дојди преку ден сега, барај паркинг, нема”, вели дриг жител.
План за мобилност каде се утврдени над 10 000 локации за паркирање. Ова е одговорот на градоначалникот на Тетово кој го води градот во втор мандат за решение на постојаниот проблем. Катни гаражи, воведување едносмерни улици за да има зонско паркирање, затворени паркинзи и слично се неговите идеи.
,,Сега веќе имаме интегрално решение за решавање на овој проблем, но ние сме свесни дека иако сега формално правно имаме комплетирано целата процедура, имплементацијата на терен нема да оди лесно. Затоа е предвидено дали месец дали 3 месеци да имаме тест период”,вели градоначалникот Биљал Касами.
Општината ја отфрли физибилити студија за јавно приватно партнерство за паркиралишта. И понатаму паркирањето ќе го раководи општинското претпријатие.
Александар Самарџиев













