Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати остри критики по информациите за отстранување на албанскиот јазик од државната табла на граничниот премин Табановце. Според партијата, овој чин претставува директно кршување на Законот за употреба на јазиците и на уставните обврски на државата.
Од ДУИ го карактеризираат овој потег како „тешка провокација“ и директно ја обвинуваат коалицијата „Вреди“ за немоќ да ги заштити основните права на Албанците.
- „Бараме албанскиот јазик веднаш да биде вратен на државните табли, а надлежните институции јавно да се извинат за ова прекршување. Вреди носи директна одговорност за ова. Наместо да го спречи деградирањето на албанскиот јазик, тие измислуваат празни оправдувања и се обидуваат да ги измамат граѓаните со манипулативни видеа“, се вели во партиското соопштение.
Од партијата потсетуваат дека албанскиот јазик е службен јазик и неговата употреба е законска обврска, нарекувајќи го моментот „срам за потчинетоста“ на албанскиот фактор во власта.













