Поради овој говор на албански јазик на Самитот на Европскиот парламент, опозицијата бара спикерот Талат Џафери да си оди од функцијата. Потсетуваат дека, единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката е македонскиот јазик , оттаму, употребата на друг јазик е повреда на Амандманот 5 од Уставот.
Опозицијата го обвинува Џафери и за свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, затоа што противуставно, противзаконски и противделовнички им доставува двојазични материјали на сите пратеници, а не само на пратениците Албанци. Велат дека, Собранието е како куќа без прозорци, нема демократски воздух туку авторитарен систем оптоварен со византиски игри. Џафери, според нив не се однесува како прв меѓу еднаквите туку како господар на Собранието. Ниту е неутрален, ниту е правичен, ниту е непристрасен. Немаат календар за работа, не се ставаат на дневен ред интерпелациите и предлог-законите на опозицијата, а пратенички прашања се поставуваат еднаш во месецот
Меѓу главните причини за негова интерпелација, е и повредата на Протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога беше дозволено двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието.
Според Деловникот за работа, Џафери сега треба интерпелацијата да ја достави до пратениците, а и самиот да ја разгледа. Има 15 дена да достави писмен одговор до пратениците, а по истекот на овој рок, мора да ја стави на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.
Од Кабинетот на Џафери, сѐ уште нема реакција за интерпелацијата.
Далиборка Демјанска Цветановска
