Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Коридорот 8 со ново финансирање, но старите рокови остануваат товар

/

Македонија

Сподели преку :

Државата повторно најавува забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8. Со потпишаните договори се обезбедени 149 милиони евра грант од ЕУ и финансиска поддршка од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој за третата делница Крива Паланка – Деве Баир.

– Денешното потпишување претставува продолжување на визијата што ја постави оваа Влада – Македонија да ја искористи својата уникатна позиција како раскрсница на двата коридора, 8 и 10, и на тој начин да го докаже своето место како срце на Балканот. Изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата. Ова е исклучитлено значаен ден, зашто по скоро две години работа доаѓаме до реален и остварлив проект, што може да биде реализиран – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Владата го оценува проектот како историски чекор и клучна инвестиција за поврзување на Македонија со европските транспортни коридори. Сепак, зад политичките пораки останува прашањето дали овојпат проектот ќе излезе од кругот на најави, доцнења и нови рокови.

– Денеска потпишуваме амандмани кон договорите за финансирање и амандман на договорот за грант за проектот „Изградба на нова железничка делница Крива Паланка-граница со Република Бугарија, како дел од железничкиот Коридор 8“, со кој се обезбедува финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот, а кој не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското Море и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и на стоките, како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Железничката врска кон Бугарија е еден од најдолгоочекуваните инфраструктурни проекти во земјава. Досегашната реализација беше проследена со проблеми, а најголемиот предизвик останува изградбата на прекуграничниот тунел, без кој Коридорот 8 нема да ја добие целосната функција.

Обезбедените средства се значаен чекор, но граѓаните и економијата очекуваат повеќе од церемонии и договори – очекуваат завршена пруга, помалку транспортни бариери и конкретни резултати. Вистинската оценка за проектот ќе дојде со почетокот на градежните работи и почитувањето на поставените рокови.

Jumbo 2