Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Таен договор за уставни измени или политички дезинформации?

/

Македонија

Сподели преку :

Се подготвува ли теренот за уставни измени или обвинувањата се без основа? Власта и опозицијата отворија нов фронт, овојпат повторно околу Францускиот предлог.

Социјалдемократите тврдат дека Владата се подготвува да ги исполни обврските од документот кој ги поврза уставните измени со продолжување на преговорите со Европската унија, а кој претходно ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше. Наводите за целосен пресврт во ставовите, од СДСМ ги темелат на информации од дипломатски извори.

„Се подготвува терен за прифаќање на Францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел и од Берлин и од Париз. Доаѓа време кога ќе стане јасно дека СДСМ ја зборуваше вистината, дека СДСМ презеде обврски, гласаше одлуки коишто беа за добробит на граѓаните, тешки, меѓутоа за да добиеме просперитет во иднина и да ги зачуваме младите во нашата држава“, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ и секретар за меѓународна соработка. 

Од Министерството за надворешни со контраобвинувања за политички конструкции и обиди за создавање хистерија со дезинформации. Оттаму велат дека институциите редовно комуницираат со европските партнери. Но, ништо не е под превезот на тајноста, тврдат од МНР.

„Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, информира МНР. 

Сепак, сомнежите во опозицискиот блок за дипломатските активности на власта, не исчезнуваат.И од Левица тврдат дека се водат преговори за внес на Бугарите во Уставот, со зборовите: „Владата легна на брашното, се подготвува ново велепредавство“. Од партијата го повикуваат министерот Муцунски да обелодени за што станува збор.

„Левица се спротивставува на билатерализацијата на преговорите за членство во Европската унија и јасно застанува против преговорите со Бугарија околу промената на Уставот и вметнувањето на бугарското малцинство во него. Македонија не смее да биде жртва на уцени и понижувања, како од странски, така и од домашни политички дилетанти“, реагираат од Левица. 

Пред неколку дена, министерот за надворешни, Тимчо Муцунски, во интервју за државната МИА кажа дека се работи на трајно и одржливо решение што ќе го одблокира нашиот европски пат, без да открие повеќе детали.

Од СДСМ, пак, одговорија дека зад надворешната политика на државата стои премиерот Мицкоски, а Муцунски само ги извршува наредбите.

Петар Догов

Jumbo 2