Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Мицкоски во илинденскиот говор со тешки пораки до опозицијата

/

Македонија

Сподели преку :

Освен политичка и економска, подлабоката битка која ја води државата е за човековиот дух. Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски од Пелинце на одбележувањето на Илинден. Реторички праша дали омразата ќе стане посилна од љубовта кон татковината.

Посилно од сиромаштијата, според него, е кога народот ќе престане да верува во себе и да се навикне на неправдата и просечноста, а поразот ќе го прифаќа како нормална состојба. Алудирајќи на опозицијата Мицкоски обвини дека таа го шири отровот и ја убива надежта, иако веќе две години неговата партија е на власт и ја предводи државата.

–Нашата најголема задача не е само да управуваме со институциите. Нашата задача е да изградиме доверба. Да изградиме чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот. Законите да важат еднакво за сите. Дека чесниот човек нема да биде последен. Дека трудот ќе биде награден. Дека знаењето ќе биде почитувано. Дека младите нема да бидат принудени да ја бараат својата иднина далеку од домот, туку ќе ја гледаат токму овде, дома, кажа Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во обраќањето од Крушево порача дека денешната борба е за достоинствен живот, правда, владеење на правото и европска иднина на Македонија.

-Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина. Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите. За Македонија која е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна“, рече Филипче.

Од ДУИ пак предупредуваат дека државата се повеќе се оддалечува од духот во Крушево кога заеднички се градела иднината на државата и Албанците сѐ повеќе се маргинализираат во државните институции и во процесите на одлучување што ја определуваат иднината на државата.

–Охридскиот мировен договор, како современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, се соочува со постојани обиди за негово поткопување. Нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмот што гарантираше правична и соодветна застапеност, нападите и слабеењето на механизмот за заштита од мајоризација, непочитувањето на реалноста утврдена со пописот на населението, селективната правда и промовирањето на моноетнички концепт на државата се сериозни сигнали за насоката во која се движи земјата, велат од ДУИ.

Од ДУИ упатија критика и до опозицијата од албанскиот блок дека таквите политики се овозможуваат со поддршка на дел од нивни претставници. Од Левица истакнаа дека за жал три децении македонската политика повеќе ја цеди државата отколку што ја гради. Според партијата, наместо да се продолжи патот на асномците – суштински и драстично се оддалечува од него.

-Илинден е симбол на македонскиот непокор, а празникот е прослава не само на оние што во минатото крвареле за независна Македонија, туку е и потсетник за обединување на сите граѓани за иднината на државата.

Партии и на власт и во опозиција и оваа година, како и во минатото повикаа на обединување, но најгласни им беа обвинувањата и критиките кој е виновен за тоа во каква состојба е денес државата. Дали е онаа што ја сонуваа Илинденците и државотворците од АСНОМ.

Марија Митевска

 

 

Jumbo 2