Сериозна загриженост поради начинот на кој Судскиот совет определи в.д. претседатели на Апелациониот суд во Скопје и на Основниот суд во Струга изрази Коалицијата „Сите за правично судење“.
Судскиот совет го избра нивниот поранешен колега Зоран Герасимовски да ја предводи Апелација, иако неговиот противкандидат судијата Тања Милева е највисоко бодувана. Додека, пак, прв човек на струшкиот суд ќе биде Ндерим Полиси, кој воопшто не е оценет, бидејќи има една година и три месеци судиски стаж.
„Одредбата од законот е прилично јасна и практично упатува на механичка примена, односно секогаш се назначува за в.д претседател судијата кој е највисоко рангиран согласно оценувањето. Во конкретниот случај и во Скопје и во Струга беше отстапено од ова правило, меѓутоа и самите аргументи кои беа изнесени зошто се отстапува од ваквото правило беа неубедливи и неприфатливи, затоа што се однесуваа на субјективни процени и лично толкувања на членовите на советот кои излегуваа надвор од рамката која што ја дава законот“, смета Аврамовски.
Членот 89 од Законот за судовите предвидува дека до изборот на нов претседател, Судскиот совет определува в.д. претседател, кој е оценет со највисока позитивна оцена и има добиено најголем број бодови. Според Коалицијата, отстапувања не смеат да се релативизираат со аргументот дека станува збор само за привремено вршење на функцијата.
„Судскиот совет мора да ги објавува ранг листите на кандидатите. Мора да знаеме кои судии како биле оценети и колкав број на бодови добиле и врз основа на тоа тие понатаму да ја градат својата пракса и одлучување. Мора да се направи преиспитување на ваквите одлуки, особено заради тоа што мандатот на в.д. претседателите во пракса се покажува дека може да биде и многу долг. Исто така, неопходно е Судскиот совет да работи на давање темелни образложенија на своите одлуки кои ќе бидат убедувачи и кои што ќе ни покажат на нам во јавноста дека се избрани оние кандидати кои што треба да бидат избрани“, додава Аврамовски.
Против изборот на Герасимовски гласаа само двајца членови на советот, Сузана Јошевска Анастасовска и Антоанета Димовска. Додека, пак, против Полиси гласаа пет членови, но предлогот помина со шест гласа „за“.
Марија Митевска













