Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

АХВ: Високите температури го зголемуваат ризикот од труење со храна

/

Македонија

Сподели преку :

Топлотниот бран и температурите што во одредени делови од земјата ќе достигнат околу 40 степени го зголемуваат ризикот од расипување на храната и појава на труење, предупредува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Од таму апелираат граѓаните внимателно да избираат каде купуваат храна, како ја транспортираат и на која температура ја чуваат.

АХВ препорачува лесно расипливите производи, како месо, млеко и јајца, да се купуваат од проверени места и да се чуваат во соодветни разладни услови. Граѓаните треба да избегнуваат производи со оштетена амбалажа, храната да не се остава долго време во автомобили, а разладените производи да се чуваат на температура под 5 степени.

Овошјето и зеленчукот треба темелно да се мијат, а храната што се подготвува термички добро да се обработи.

Од АХВ советуваат и при консумирање храна во угостителски објекти да се избираат места што одржуваат високи хигиенски стандарди. Особено внимание се препорачува кај производи како мајонез, сосови и крем-салати, кои не треба да стојат надвор од ладилник.

Топлотниот бран претставува ризик и за животните, предупредуваат од АХВ. Додаваат дека сопствениците на добиток треба да обезбедат доволно свежа вода, ладовина и проветрени простории, а животните да не се оставаат во затворени автомобили или да се шетаат во најтоплиот дел од денот.

На фармите се препорачува заштита од директно сонце и транспорт на животните во поладните утрински или вечерни часови.

Jumbo 2