Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Челичните конструкции на „Македониумот“ се незаконски поставени – кој ќе ги тргне оковите на витражите

/

Култура

Сподели преку :

Челичните конструкции на „ Македониумот “ во Крушево се поставуваат без наше одобрение и се спротивни на законот. Ова денеска за Телма го кажа Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, откако вчера инспектори од Управата беа на терен, по реакциите во јавноста дека споменикот кој е симбол на вековната борба за слобода, е окован во решетки.

Според директорката, тие дале решение само за прогласување на споменикот за културно добро во опасност и по увидот му е наложено на Националниот конзерваторски центар-Скопје, преку стручен увид на терен, да утврди дали интервенциите предизвикуваат штета на објектот. А, од Завод и музеј- Прилеп , во чија надлежност е „ Македониумот“, за Телма велат дека во решението од Управата за прогласување на доброто во опасност, добиле насоки за поставување на челичните конструкции.

За поставените челични конструкции на споменикот Македониум во Крушево, Управата за заштита на културното наследство не дала одобрение. Ова го констатирале инспектори од Управата по извршениот увид на терен, вчера. По деградацијата со години на објектот поради атмосферски влијанија, Управата лани издала решение за прогласување на споменикот за културно добро во опасност, но не и одобрение за конструкциите. Управата сега му наложи на НКЦ-Скопје преку стручен увид да утврди дали овие интервенции за заштита предизвикува штета на споменикот, вели директорката Честоева.

  • При увидот констатирано е дека се поставува лексан на веќе поставени челични конструкции на отворите на витражите и на галериите. Дополнително, се поставуваат и лимени опшивки на металната конструкција. УЗКН му наложи на НКЦ како стручна институција за заштита, да изврши стручен увид за вака изведените работи, со цел да се утврди дали вака поставеното времено решение за заштита , предизвикува штета во однос на споменикот и дали е прифатливо од стручен аспект, рече Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.

Интервенциите се во спротивност со законот и бараат соодветно одобрение со изработена проектна документација, што треба да се одобри за да се добие и конзерваторска дозвола, дополнува Честоева.

Александар Јорданоски, директор на НКЦ- Скопје, за Телма изјави дека сѐ уште не го добиле документот од Управата и дека по добивањето ќе се произнесат. Тие на 22. овој месец по барање на Завод и музеј -Прилеп испратиле стручен тим кој извршил увид на витражите, што се дела на сликарот Борко Лазески. При тоа биле констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција и на витражните стакла и е утврдена потребата од итно преземање конзерваторски мерки за нивна заштита.

А, од Заводот и музеј – Прилеп, под чија надлежност е споменикот кажаа дека се работи за времена превентивна заштитна мерка, дека во решението за прогласување на доброто во опасност, пристигнато од Управата, добиле насоки за ваква превентивна заштита и дека кога културното наследство е во опасност, согласно Законот за заштита на културното наследство, не е потребно конзерваторско одобрение зашто не се работи за конзервација, реставрација и санација на објектот.

Челичните конструкции што треба да бидат поставени на 8 галерии со стакло и витражи до 1. aвгуст, чинат 5, 5 милиони денари (околу 89,5 илјади евра). „Македониумот“ е споменик од прва категорија , отворен 1974 година.

Сотир Трајков

Б.С.

Jumbo 2