Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува следната недела да има поголемо намалување на цените на дизелот и бензините, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) претходно донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти.
Тој посочи дека акцизите се анализираат на секои две недели и дека новата пресметка ќе биде направена по завршувањето на тековниот период.
Според Мицкоски, цената на суровата нафта на светските берзи веќе два дена бележи пад и се движи околу 85–86 долари за барел, што, како што рече, создава услови за пониски цени на горивата.
Според последната одлука на РКЕ, од полноќ бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по максимална цена од 93 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 95 денари за литар.
Од Комисијата наведуваат дека цените се коригирани поради растот на референтните цени на светските пазари, при што трговците можат да продаваат и по пониски цени од утврдените максимуми.
