Усвоен е дополнетиот ребаланс на буџетот. Вкупните приходи се проектирани на скоро 6,2 милијарди евра, а расходите 6,9 милијарди евра. Тоа значи дека дефицитот ќе надмине 750 милиони евра, што е значително зголемување од претходно планираните.
Ревидиран е и економскиот раст, кој сега се очекува годинава да биде 3,5%.
Министерката за финансии образложи дека ребалансот е одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво, но го дефинираше како развоен бидејќи обезбедува повеќе пари за поддршка на граѓаните, како и за капитални инвестиции.
Опозицијата, пак, критикува дека потребата за ребаланс, по само шест месеци, е доказ за погрешни економски политики и слаб институционален капацитет за реализација на планираното.
