Вести Македонија

Димитриевски: ЗНАМ не е создадено за да биде дел од старите политички матрици

Караванот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ го заокружи викендот со панел-дискусија во Струмица, од каде беше испратена јасна политичка порака, Македонија повеќе нема време за политики на изговори, поделби и лични интереси.

Во своето обраќање, претседателот на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакна дека присуството на караванот во Струмица е потврда дека граѓаните бараат нов начин на политичко дејствување, политика која слуша, работи и одговара пред народот.

  • „Додека народот се бори за секој денар, додека земјоделецот се бори за својот труд и својот производ, некои политичари се натпреваруваат кој ќе покаже поскапа јахта, полуксузен одмор и поголема привилегија. Тоа не е политиката што ја заслужува Македонија. Политиката не е создадена за некој да живее подобро од народот, туку за да работи за народот.“

Димитриевски порача дека Македонија мора да стави крај на времето во кое политиката била користена како алатка за личен интерес и задржување на привилегии.

  • „Во политиката има луѓе кои влегле за да служат на народот, но има и такви кои политиката ја претвориле во лична корист и привилегија. Секој со својот крст. Граѓаните на Струмица многу добро знаат кој останал верен на идеите со кои започнал, а кој ги заменил принципите за удобност, функции и позиции. На крајот, не судат политичките центри на моќ, туку граѓаните, тие најдобро препознаваат кој се борел за нив, а кој за себе.“

Тој нагласи дека Движење ЗНАМ е создадено како одговор на политиките кои со години создаваа разочарување кај граѓаните и дека денес покажува дека може поинаку, без клиентелизам, без политички договори зад затворени врати и без ставање на партиските интереси пред државните.

  • „ЗНАМ не е создадено за да биде дел од старите политички матрици. Создадено е затоа што Македонија заслужува политика во која зборот има тежина, а резултатите се единственото мерило. Ние не бараме доверба заради функции, бараме доверба заради работата што ја правиме.“

Во рамките на панел-дискусијата, министерот за јавна администрација Горан Минчев говореше за реформите насочени кон создавање професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација.Тој истакна дека институциите мора да бидат вистински сервис на граѓаните, а не алатка за партиски влијанија. Воспоставувањето на мерит-системот, професионализацијата на администрацијата и воведувањето современи стандарди во работењето се клучни чекори кон создавање држава која ќе биде поблиска, побрза и поефикасна за секој граѓанин.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски посочи дека Струмичкиот регион е доказ за потенцијалот што го има Македонија, но и пример дека земјоделците заслужуваат државна поддршка и сигурни политики. Тој нагласи дека земјоделството мора да биде стратешки приоритет, со политики за сигурен пласман, фер услови, модернизација на производството и партнерски однос меѓу државата и земјоделците.

Движењето ЗНАМ продолжува да ја гради својата политика врз директен разговор со граѓаните, чесно преземање одговорност и конкретни резултати, спротивно на политичките практики во кои граѓаните со години беа сведоци на празни ветувања, поделби и систем во кој малкумина имаа привилегии, а мнозинството ги носеше последиците.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјани до Нова Година треба да го дочекаат и крајот на булеварот Борис Трајковски до Драчево, како и проектот клучка Момин Поток

Дејан Дејан

Телма од Гостивар: Денеска нема цистерни со вода недела е, резервите шишиња вода се драгоценост, а капењето вистински предизвик

Дејан Дејан

За повеќе од 7% ќе поскапи парното греење?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе