Условот за стапување на сила на уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот, па потоа отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ, е дел од Вториот протокол од Договорот со Бугарија, но тој не е Преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, тврди шефот на македонската дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Според него во Преговарачката рамка со ЕУ такво условување – стапување на сила на уставните измени, па преговори, нема, туку ЕУ бара уставните измени само да бидат донесени. Со ова повторно на маса се враќа опцијата за уставни измени со одложено дејство за деблокирање на евроинтегративниот пат на земјава, нешто што неодамна го спомена и претседателката, Гордана Силјановска Давкова.
–Во содржината на Преговарачката рамка нема ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени. И тука од номотехничка гледна точка е многу значајно правнотот толкување на тоа што е напишано. Се разликува тоа од тоа што го пишува во Протокол два, ако веќе сега навлегуваме во деталите. Мојот став како министер за надворшени работи, согласно моето толкување и како министер за надворешни работи и како правник е дека тие не се дел од Преговарачката рамка, изјави Муцунски.
Ваквото толкување на Преговарачката рамка на шефот на дипломатијата Муцински, пак го отвора прашањето зошто тогаш во Собранието не се донесат уставни измени со одложено дејство за да се деблокира преговарачкиот процес со ЕУ.
Одговор на ова дава деталното читање и поврзување трите документи – Преговарачката рамка, Договотот за добрососедство и Вториот протокол.
Во Преговарачката рамка е наведено дека напредокот на Македонија на европскиот пат ќе се мери по неколку основи, вклучително и преку постигнување на опипливи резултати и спроведување во добра волја на билатерални договори, меѓу кои и Договорот со Бугарија.
Членот 12, пак, од Договорот за добрососедство со Бугарија всушност предвидува формирање на меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија која ќе го следи спроведувањето на Договорот со средби еднаш годишно.
Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија – Член 12:
-Со цел преглед на ефективна примена на овој Договор, примена на мерките за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот“, се наведува во Членот 12 од договорот за добрососедство со Бугарија.
А во вториот Протокол т.е. записник потпишан од меѓувладината комисија меѓу Македонија и Бугарија за спроведување на Договорот, пак јасно е наведено дека Бугарија ќе се согласи земјава да ги продолжи преговорите кога во Уставот ќе бидат вклучени и Бугарите.
И додека изјавата на Муцунски на дневен ред го враќа толкувањето на Преговарачката рамка и обврските кои ги презела земјава за да ги отпочне преговорите со ЕУ, односно дали формалното не споменување на Протоколот во Преговарачката рамка е посилно од де факто влијанието на Протоколот врз преговарачкиот процес, со реакција се јави и поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи.
–Еве четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката.Продолжуваме понатаму, напиша Османи на Фејбуск.
Муцунски денеска рече дека потои позитивен импулс за откочување на пристапниот процес, но не сакеше да открие детали и во која фаза е тоа, но рече дека се водат разговори со Брисел, земјите партнери од ЕУ и Бугарија. Неодамна, и амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, рече дека е оптимист и дека работи се случуваат под радарот.
Тамара Грнчаровска
