Над 150 илјади граѓани ќе бидат ослободени од плаќање на камати за долгови кон државните и јавните претпријатија, a главниот долг ќе го плаќаат на 12 рати. Владата утврди предлог закон како помош за најчувствителните категории граѓани кои не успеале да си ги плаќаат обврските во пандемискиот период. Износот на основниот долг ќе биде утврден во рок од 90 дена, а потоа се предвидени уште 15 дена за известување на граѓаните.
Владата апелира овој пример на државните и јавните органи да го следат и приватните компании за да покажат општествена одговорност.
Владата ќе понуди евтини кредити за стопанството. Преку Развојната банка ќе бидат на располагање околу 100 милиони евра со камата од 1,6 одсто, кои ќе се отплаќаат 12 години со грејс период од две години, а државата ќе ја чинат 4 милиони евра.
Се очекува овие средства да придонесат за нови вработувања, инвестиции и забрзување на економскиот раст.
Претходните пет вакви кредитни линии, почнувајќи од 2009-та, се целосно искористени и поддржале над 2 илјади проекти, посочи премиерот.
Власта на Заев ја копира владата на ВМРО ДПМНЕ, реагираше опозициската партија.
Во екот на светската криза, тогашната влада пласираше 350 милиони евра со што беа спасени илјадници фирми и работни места.
“Тогашните антикризни мерки и кредитни линии даваа економски резултати и македонската економија беше со најдобри резултати во Европа, а сега имаме исклучително најлоши резултати во целиот регион. Заради погрешните економски политики, имаме 6 илјади 200 затворени компании за една година, над 60 илјади нови невработени и 600 илјади граѓани во сиромаштија” – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овие закони беа утврдени на владина седница. Сега им е неопходна поддршка од пратениците.
Соња Николовска