Цената на струјата ќе се менува. Повисока или пониска, минимално или значајно, ќе се знае за три дена, по одлуката што нареднава недела ќе ја донесе Регулаторната комисија.
Во вторник ќе се одржи подготвителна седница на која ќе се разгледаат отворените прашања со сите енергетски компании, а во среда, по сумирањето на сите анализи, следува одлуката, потврдува Регулаторната комисија за Телма. Освен трошоците на компаниите, според информациите, за определувањето на крајната цена ќе влијае и увозот, што во првата половина од годината изнесувал 31 милион евра, додека минатата година немало увоз.
Пресметките, калкулациите и очекувањата стартуваа минатата недела, кога ЕСМ понуди пониска цена за струјата на тендерот на ЕВН Хоум. 36,1 евро за мегават час е за 7 одсто помалку од ланската цена.
Дополнително, Владата најави намалување на ДДВ од 18 на 5 одсто. На другата страна е финансиската кондиција на компаниите, за кои пониска цена на струјата би требало да биде економски неоправдана.
Поради пандемијата, Државни електрани ја заврши минатата година со загуба од 16 милиони евра, а Мепсо со 6 милиони евра.
Владеачката СДСМ објаснува дека намалувањето на данокот оди во прилог на животниот стандард на граѓаните.
“Намалувањето на ДДВ има цел со пониски цени да им се помогне на домаќинствата за намалување на нивните трошоци. Граѓаните нема да го почувствуваат можното движење на цената на струјата и ќе се компензира нејзиното евентуално зголемување. Посветени сме на унапредување на животниот стандард со обезбедување повеќе пари во семејните буџети” – велат од СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ не верува во економските политики на СДСМ и на Владата. Обвинуваат за манипулирање и нови трошоци за народот.
“Џабе намалување на ДДВ на струјата кога Заев краде од тендери и зголемува цена на горива за цели 4 денари по литар. Заев го зголеми долгот на државата на над 7 милијарди евра затоа што трошеше пари за поткуп и тендери. За да пополни дупки во буџетот, сега зголемува даноци. Само од кризниот данок на горива, ќе земе 54 милиони евра од народот” – тврди ВМРО-ДПМНЕ.
На 22-ри јуни, Владата утврди предлог за менување на Законот за Данок на додадена вредност.
Според овој предлог, ДДВ за промет и увоз на струја за домаќинствата се намалува од 18 на 5 одсто за периодот од 1 јули оваа година до 30 јуни в година. Од први јули 2022 до 30 јуни 2023 ќе се зголеми на 10 одсто, а потоа повторно ќе биде 18 одсто.
Овие законски измени треба да бидат изгласани во Собранието, а првата наредна закажана седница е во среда.
Соња Николовска
