Франческо Бањаја од 2027 година ќе вози за Априлија. Италијанскиот мотоциклист откако вчера објави дека ја вози последната сезона за Дукати, денеска потпиша четиригодишен договор со тимот од Ноале и ќе формира целосно италијанска постава заедно со Марко Бецеки.
Ова е голем трансфер во Мото ГП шампионатот, бидејќи Бањаја е двократен светски шампион во кралската класа. Тој ги освои титулите во 2022 и 2023 година со Дукати, а претходно беше и шампион во Мото 2 во 2018 година.
Италијанецот досега има 41 победа, 86 подиуми и 35 пол-позиции во кариерата, бројки што го ставаат меѓу најуспешните италијански возачи во најсилната класа, зад легендите Џакомо Агостини и Валентино Роси. Во Априлија ќе го замени поранешниот шампион Хорхе Мартин.
Од Априлија истакнаа дека доаѓањето на Бањаја е голема чест и потврда за вредноста на италијанскиот спорт, но и дека пред да му посакаат добредојде во тимот, ќе се обидат да го победат до крајот на неговиот ангажман во Дукати.
