Трети сили и трети страни и тоа како имаат влијание и кај нас и во целиот регион, прашањето е колку тоа го дозволуваме или не, изјави македонскиот премиер, Зоран Заев, во вечерашната Топ Тема, во однос на прашањето дали последното вето за нашата држава и блокадата на евроинтеграциите, може да ја отвори вратата за влез на други вредности.
“Мене тоа што ме плаши е порастот на евроскептицизмот, заради Европската Унија и причините кои ЕУ ги дава на евроскептиците овде, дома. Тоа носи извитоперени вредности, вредности на анархизам, на автократија, на хаос. Нашиот народ над 85% е за демократските вредности. Кога нешто европско не е потврдено од ЕУ, луѓето почнуваат да размислуваат за други патишта” – предупреди Заев.
Не е борбата за членство само за влез во Европската Унија, оцени Заев, додавајќи дека нашата држава продолжува со европеизацијата но не може секои 6 месеци да се чека извештај.
“Ветувања, па го има, па го нема, па не прават ништо и пак го нема на крајот. Тоа урнисува, лично мене, па и народот. Должност ми е да следам, навистина е неправедно и е голема неправда. ” – изјави Заев
Стануваат беспредметни и сите извештаи од Европската унија, чуму ни се? – праша Заев во Топ Тема