Започна проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова Река пред Драчево. На овој потег со вкупна должина од 2.325 метри предвидено е да се изврши целосна замена на стариот асфалт со нов, проширување од две на четири коловозни ленти, изградба на пешачки патеки од двете страни на булеварот, како и велосипедска патека од едната страна. Додека пак, крстосницата пред мостот кај Драчево треба да биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон кој гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот „Борис Трајковски“, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Како што информира градоначалникот градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје.