Македонската машка одбојкарска репрезентација вечерва од 19 часот против Холандија во Струмица ја отвора новата сезона во Европската лига. Нашиот национален тим е домаќин на првиот турнир, а во недела во салата „Парк“ ќе игра и против Луксембург.
Одбојкарите ги очекува голем предизвик уште на стартот, бидејќи Холандија е една од најквалитетните селекции во ова натпреварување. Со „лалињата“ игравме и на последните две Европски првенства, во 2021 и 2023 година, кога загубивме двапати со по 3-0.
Холандија лани настапуваше во Лигата на нации, а во Европската лига доаѓа со малку изменет состав. Капитенот Никола Ѓорѓиев вели дека станува збор за исклучително висока репрезентација, со силен блок и одличен сервис.
„Се надевам дека ќе бидеме паметни и трпеливи, затоа што нивниот висок блок значи дека ќе треба да играме од блокот, да имаме добра заштита и нема секој напад да го завршуваме веднаш. Ако бидеме трпеливи, ќе можеме да го пробиеме нивниот блок-систем и полесно да реализираме“, изјави нашиот капитен.
Во недела, исто така од 19 часот, Македонија ќе ги одмери силите со Луксембург, селекција која според ранкингот е послаба од нашиот тим и против која ќе ја бараме првата победа во новото издание на Европската лига.
Овогодинешното издание на Европската лига има дополнителна важност, бидејќи се смета и како дел од квалификациите за Европското првенство 2028 година. Само најдобрите четири репрезентации годинава ќе обезбедат место на континенталниот собир, а истиот систем ќе важи и догодина, во 2027 година.
По турнирот во Струмица, македонските одбојкари ќе настапат во Грција. На 13 јуни ќе играат против Исланд, а ден подоцна против домашната селекција. Третиот и последен турнир за нашиот тим ќе се игра во Косово, каде на 19 јуни ќе се соочиме со домаќинот, а на 20 јуни и со Израел.
