2,2 промили алкохол во крвта – толку покажало апаратчето на полицајците кои синоќа го стопирале и побарале да измерат дали 50 годишниот скопјанец управува моторно возило под дејство на алкохол. Тој е рекордерот меѓу 176-те пијани возачи кои синоќа од 22 до 3 часот ги сопрела полицијата низ земјава. Тие веднаш се исклучени од сообраќај и им се изречени санкции, велат од МВР. Синоќешната зајакната акциска контрола покажала и дека осум од нив, пак седнале зад воланот, иако веќе имале забрана да возат автомобил.
Најмногу алкохолизирани возачи полицијата сопрела во Скопје-44, во Битола-24, Штип-18, Охрид-17. Казните за управување на возило под дејство на алкохол се движат од 200 до 375 евра, а забраната за возачите да седнат зад волан, може да биде од 3 месеци до 1 година. Полицијата пак вчера само во Скопје изрекла и 203 сообраќајни казни, од кои 58 пак за брзо возење.
И додека службениците од МВР ноќеска имале полни раце работа, засилените контроли на пазарните инспектори покажуваат дека угостителите и гостите во нив се примерни. Не е изречена ниту една казна.
И ние имаме засилени контроли до 2-3 часот ноќе. Немаме изречено ниту една казна за новите протоколи или за прекршување на работното време. Дури некои локали затвораат и пред време – во 23 часот, вели Александра Котели, портпарол на ДПИ
И МВР и пазарната инспекција најавуваат засилени контроли и наредните денови. Инаку возењето во алкохолизирана состојба е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди со повредени и загинати лица.
Александра Филиповска