Тинејџерите сакаат повисоки плати и подобар животен стандард, покажуваат и уписите во штипските средни училишта, каде што најголем интерес има за информатика и медицински сестри.
Во градот на текстилната индустрија, каде што пред пандемијата имаше над 1.000 слободни работни места во овој сектор, во првиот уписен рок се пријавиле десетина ученици, иако најстарото текстилно училиште во регионот е реформирано, а струките се кроени заедно со бизнис секторот.
Поради пандемијата и трендот на опаѓање на ученици во основните училиште во штипските училишта мал е и бројот на ученици од соседните градови. Стручните училишта сметаат дека најавените стипендии се мотивирачки.
За разлика од останатите струки, информатиката е на врвот.
Во штипското електро-машинско училиште слободни места има за сите профили, но не и за смерот компјутерски техничар за автоматика, каде што се пријавени повеќе ученици од предвиденото.
Во средните училишта од оваа година за учениците ќе има повеќе пракса, нема само факултативно да ги посетуваат фирмите, туку ќе учествуваат и во процесот на производство.
Вториот уписен рок во средните училишта е наредната недела.
Министерството за образование годинава издвои средства за стипендии, од кои по 3.500 за дуалните паралелки и 2.200 денари за дефицитарните профили.
Викторија Јованова