Направени се многу грешки во судскиот процес поради кои двајца се осудени на доживотна казна за убиството на полицаец и тешко ранување на двајца полицајци на паркингот на ПМФ во напад во 2008-ма, ова го тврди српскиот експерт Ненад Шипка, кој е ангажиран од семејствата на осудените Реџаил Керими и Агим Ислами.
Шипка тврди дека една од грешките во процесот била таа што вештаци од МВР сведочеле на суд иако законски е забрането, вештачење да вршат експерти кои работат во иста организација како оштетените. Но, од снимките кои ги работел и форензички вештачел, според него нема докази дека осудените за убиство и напад врз патрола на полициските алфи воопшто се виновни.
-Утврдивме дека силуетата која ја има на видеото не одговара на Агим, и одговорно тврдам дека Агим Ислами го нема на снимката односно дека Агим Ислами не го извршил чинот на пукање на проектили во возилото мазда кое било на паркингот пред ПМФ. Друг момент кој во пресудата има погрешно утврдена фактичка состојба е тоа што е наведено дека во пукањето учествуваат 5 лица. Ние со анализа на фрејмовите на видео-снимката утврдивме дека станува збор за 4 лица, рече Ненад Шипка.
Адвокатите побараа ново судење преку вонреден правен лек, откако и Врховниот суд ги потврди доживотните затворски казни. Пријателот на еден од осудените кој исто така бил приведуван во истрагата, го нашол српскиот експерт кој според него ја потврдил невиноста и судската грешка во случајот.
Тричлената полициска патрола беше нападната на паркингот на 28-ми ноември 2008-ма година. Алфата Африм Арифи загина веднаш на лице место, додека двајцата други полицајци беа изрешетани, а еден од нив е доживотен инвалид од раните здобиени во заседата. Покрај доживотно осудените Ислами и Керими, за нападот како главен организатор е осуден Алмир Дрпљанин кој во бегство беше осуден на доживотна казна, но по апсењето на Косово и екстрадицијата во Скопје, на ново судење за крвавиот напад доби 20 години затвор.
Миомир Серафиновиќ